Записник од Третиот состанок на Општинскиот координативен штаб за заштита и спасување

          Општинскиот координативен штаб за заштита и спасување во Општина Македонски Брод на ден 21.04.2020 година го одржа Третиот состанок на кој беше разгледана актуелната состојба, реализацијата на препораките и мерките за заштита од корона вирусот, како и неопходните активности кои треба да се преземат за претстојниот период, во кој се очекува пикот на пандемијата.

          На подрачјето на Општина Македонски Брод, досега не се евидентирани заболени од КОВИД-19. Директорот на ЈЗУ Здравствен дом Македонски Брод, Жарко Симески, истакна дека будно се следи ситуацијата, установата има воспоставено висок степен на заштита, воведен е режим на работа по систем на ротација на вработените, кој овозможува непречено обезбедување на здравствени услуги на пациентите и максимална заштита на здравствените работници со што се минимизира опасноста од внатрешно ширење на COVID-19.

          По добиените информации од страна на полицијата, а и самиот увид, Градоначалникот констатираше дека граѓаните на Општина Македонски Брод доследно ги почитуваат мерките за забрана за движење со што придонесуваат да се спречи ширењето на Корона вирусот.

          Иако нема заболени во Македонски Брод, Градоначалникот апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките од надлежните институции.

          Ова е најкритичната фаза на пандемијата од Ковид 19 и од сите нас, од нашето целосно почитување на сите мерки и препораки од здравствените институции зависи дали ќе ја добиеме битката со овој подмолен и непредвидлив непријател.

           Ако се опуштат граѓаните, ако има многу физички контакти и недисциплина, тогаш се можни грешки што можат да биде фатални. Вирусот Сарс Ков 2 е сосема нов и многу непредвидлив.

          Се надевам дека сепак, граѓаните ќе ја сфатат сериозноста на ситуацијата и ќе се однесуваат одговорно.

           Исто така, Градоначалникот им изрази голема благодарност и поддршка на припадниците на ПС- Македонски Брод за одржувањето на јавниот ред и мир за време на пандемијата и борбата со Корона вирусот.

          Општинскиот координативен штаб за заштита и спасување во Општина Македонски Брод ги известува граѓаните - корисници на социјалните мрежи да не споделуваат и шират непроверени односно „лажни“ вести, околу вирусот Ковид 19, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. 

          „Лажните“ вести кои создаваат неоснована паника имаат далекусежни последици и врз општествената состојба, но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести. Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции.

          За сите потребни информации граѓаните да се обратат до Општина Македонски Брод, Општинскиот координативен штаб за заштита и спасување во Општина Македонски Брод, ЈЗУ Здраствен дом Македонски Брод, ОВР ПС Македонски Брод или останатите релевантни институции. 

          За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

  

                Општинскиот координативен штаб за заштита и спасување

Живко Силјаноски с.р.

Печати